Личните документи на српскиот пејач му беа одземени согласно мерките за претпазливост кои му ги одреди кумановскиот суд по сообраќајната несреќа кај преминот „Табановце“ во која загина едно лице, а повредени беа уште неколкумина, меѓу кои и самиот Николиќ
Српскиот музичар Ѓорѓе Николиќ, попознат во јавноста како Ѓорѓе Давид, кој неодамна учествуваше во сообраќајна несреќа во близина на Граничниот премин „Табановце“, со одлука на Судот во Куманово ги доби назад своите лични документи – личната карта, пасошот и возачката дозвола.
Личните документи му беа одземени согласно мерките за претпазливост кои му ги одреди кумановскиот суд по сообраќајната несреќа во која загина едно лице, а повредени беа уште неколкумина, меѓу кои и самиот Николиќ.
„Судија на претходна постапка при Основен суд Куманово, постапувајќи по предлог на бранител на осомничениот Ѓ. Н. од Република Србија за замена на мерка на обезбедување на присуство – мерка на претпазливост на 26 јануари донесе решение со кое делумно го уважи барањето на бранителот на осомничениот, ги укина мерките претпазливост привремено одземање на лична карта за преминување на државна граница, како и патна исправа“,
соопштија од Основниот кривичен суд Куманово.
Дополнително, од Судот додаваат дека мерката за претпазливост според која осомничениот требаше да се јавува во кумановскиот суд секој вторник и петок се заменува со тоа што тој треба да се јавува секој 15. во месецот или на првиот нареден работен ден доколку 15. е неработен.
Против ваквото решение немаше жалба од ОЈО Куманово и тоа е правосилно од 30 јануари.