По предлог на Основното јавно обвинителство Куманово, на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај Табановце му се определени мерки на претпазливост – привремено одземање патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница и обврска да се јавува во Судот, се вели во денешното соопштение од Обвинителството

Пасошот, личната карта и возачката дозвола му се одземени на српскиот државјанин кој учествуваше во тешка сообраќајна несреќа што се случи во саботата вечерта пред граничниот премин „Табановце“, а во која загина 49-годишна кумановка, соопштија денеска од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека, освен што привремено му се одземени патната и другата исправа, на странскиот државјанин му се определени и мерки на претпазливост.
„По предлог на Основното јавно обвинителство Куманово, на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај Табановце му се определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница и обврска да се јавува во Судот“,
се вели во соопштението од Обвинителство.
Во сообраќајната несреќа што се случи завчера на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20 часот, учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П. (45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н. (59) од Република Србија.
Во несреќата, како што рекоа од МВР, од здобиените повреди починала Љ.Т. (49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово.
Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б. Т, а со телесни повреди се здобил Ѓ.Н., констатирани во болницата во Куманово. Дел од српските медиуми пренесоа информација дека во несреќата учествувал српскиот музичар Ѓорѓе Давид.
Вчера, од Обвинителството извршија увид во сообраќајната несреќа и, како што соопштија, според нивните првични сознанија, прво настанал судир меѓу автомобилите со македонски национални ознаки, бидејќи, едно од возилата влегло на автопат во недозволена насока. Откако жената излегла од автомобилот во неа налетало возилото со српски ознаки. Од здобиените повреди, кумановката починала.
Обвинителството издало наредба за обдукција на починатата и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои беа хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани биле и траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.