Бараме оваа неправда под итно да се исправи бидејќи во спротивно ќе најавиме штрајк и ќе ги блокираме сите судови низ цела Македонија. Во преговарачкиот тим бараме да бидеме вклучени и ние како синдикати бидејќи не може да се одлучува за покачување на платите на судската служба без присуство на синдикалните организации, велат од Синдикатот

Со барање за достоинствени, европски плати, околу стотина вработени во судската администрација и денеска, како и изминатите денови, излегоа на протест и ја блокираа раскрсницата кај ТЦ „Мавровка“.
Тие ги повторија своите барања, а тоа се повисоки плати за 78 отсто на минималната плата во судската служба и 35 отсто додаток на плата за судските службеници.
Јасмина Величкова, претседател на штрајкувачки одбор за Основен кривичен суд и претседател на Судска администрација на Македонија вели дека бараат од Владата да бидат вклучени во работната група за покачување на платата.
„Веќе седум месеци вработените во судската администрација си ги бараат своите права, односно покачување на платата за 78 отсто на минималната плата во судската служба и враќање на 35 отсто додаток на плата кој ни беше скратен откако им се покачи платата на функционерите. Не престануваме. Бараме оваа неправда под итно да се исправи бидејќи во спротивно ќе најавиме штрајк и ќе ги блокираме сите судови низ цела Македонија. Во преговарачкиот тим бараме да бидеме вклучени и ние како синдикати бидејќи не може да се одлучува за покачување на платите на судската служба без присуство на синдикалните организации“,
рече денеска Величкова.
Владата на 3 септември на седница донесе одлука во следните седум дена да се формира работна група која ќе работи на изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавнообвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Оваа одлука е предлог на Министерството за правда, откако министерот Кренар Лога на разговори со Синдикатот на УПОЗ се договорија да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предмети во судовите и јавните обвинителства.
Во работната група ќе бидат вклучени министрите за правда, финансии и за информатичко општество и администрација, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и претставници од Синдикатот на УПОЗ.