Барањата на штрајкувачкиот одбор, како што велат, се покачување на платата на судската служба, и тоа од 78 отсто на минималната плата во судската служба и 35 отсто додаток на плата за судските службеници. Велат дека наведените барања се израз на лошата состојба со платите во правосудството и се реална потреба за сите вработени имајќи ги предвид специфичноста, ризикот и обемот на нивната работа, како и придонесот во буџетот на државата
За време на штрајкот судството ќе работи само на случаи за странци, за притворски предмети, како и за времена мерка во Граѓанскиот суд, а нема да се работи во ниту еден друг предмет
Со транспаренти со натписи „Европски плати за вас и за нас“ околу стотина вработени во судската администрација и членови на Независниот синдикат на судска администрација заедно со Синдикатот на затворската полиција и Конфедерацијата на слободни синдикати – синдикалната организација при Основен кривичен суд, денеска излегоа на протест пред Владата и министерствата за финансии и правда во Скопје за да го изразат незадоволството поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.
„Денеска наши претставници имаа средба со претставници на Министерството за финансии, но не најдовме разбирање и тоа значи дека нашите активности како синдикат продолжуваат и понатаму“,
велат од Независниот синдикат на судска администрација.
Јасмина Величкова, претседател на штрајкувачки одбор за Основен кривичен суд и претседател на Судска администрација на Македонија, рече дека на денешната средба им било кажано дека за нив не е предвидено зголемување на плата и на додатоци.
„Одлуката не изненади затоа што ние протестираме од март годинава. За нас повторно министерот за финансии не најде начин со ребалансот на буџетот да изводи средства. Затоа штрајкот почнува од утре, а протестите продолжуваат од утре пред сите судови“,
рече Величкова.
Барањата на штрајкувачкиот одбор, како што рече Величкова, се покачување на платата на судската служба и тоа од 78 отсто на минималната плата во судската служба и 35 отсто додаток на плата за судските службеници. Наведените барања, додаде таа, се израз на лошата состојба со платите во правосудството и се реална потреба за сите вработени имајќи ја во предвид специфичноста на нашата работа, придонесот на нашата работа во буџетот на државата.
„Во овој контекст напоменуваме дека изминатите пет години во судската служба немало покачување на платите, а се наоѓаме во услови на зголемени трошоци за живот и зголемување на платите на избраните и именуваните лица, односно на судиите при што во судството се направи голема разлика во платите меѓу судиите и судската служба што влијае демотивирачки врз нас. Воедно, имајќи го предвид лошото искуство во изминатиот период во врска со доделување додаток за плата од страна на судскиот буџетски совет и нивно укинување за судската служба, бараме трајно решавање на овој проблем со предвидување на 35 отсто додаток на плата имајќи ја предвид специфичноста на нашата работа, ризикот и обемот на работа“,
рече Величкова.




Претседателот на Независниот синдикат на државна администрација, Горан Ристески, изјави дека одлуката за штрајк е донесена по вчерашните два состаноци во Основен граѓански и Основен кривичен суд, бидејќи, како што кажа, времето што беше дури и предолго за разговори не вроди со плод, односно нивното мислење немало слух од страна на надлежните.
„Изминатиот период имавме неколку преговори само со Судски совет на Македонија. Министерството за правда се оглуши на нашите барања за прием, не не испочитува, како и Министерството за финансии. И претседателот на Владата го информиравме дека има потреба да направиме средба на која ќе укажеме на проблемите кои се случуваат во судството во делот на затворскиот систем“,
рече Ристески.
Како што рече Ристески, штрајкувачкиот одбор на Основниот кривичен суд го ставил штрајкот во мирување согласно Законот за мирно решавање на работни спорови, но штрајкот во Основниот граѓански суд се уште е активен и дека денеска одборот ќе одржи состанок и ќе одлучи што понатаму.
Драган Јосески, претседател на Синдикалната организација на правосудство во Основен кривичен суд Скопје, рече дека е изненаден што властите немаат никаков слух за нивните барања.
„Од тој колач што го делеле, а не знам по кои критериуми тоа го правеле, за нас одвоиле само срамни 10 отсто. Тоа за нас е неправедно, некоректно, бараме некој поизбалансиран пристап на работите“,
рече Јосески.
За време на штрајкот судството ќе работи само на случаи за странци, за притворски предмети, како и за времена мерка во Граѓанскиот суд, а нема да се работи во ниту еден друг предмет.