„Овој протест не го правиме против никого, не е ни против Култура, ниту против Градот, како што имаше препукувања преку некои медиуми. Овој протест е да нè видат, дека немаме земено плата за март и ги поминавме и Велигден и 1 Мај без плата. Последната ја зедовме пред 45 дена. Поради неземена плата навреме, од вчера изгубивме и здравство, а имаме колеги што се на боледување“, изјави претседателот на синдикалната организација при скопската Зоолошка градина – Скопје, Миле Таневски
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, кој ги поддржа вработените во ЗОО соопшти дека според негови информации и другите локални установи од културата кои се под Град Скопје немаат земено мартовска плата
Вработените во Зоолошката градина – Скопје денеска на паузата во текот на работниот ден излегоа на протест за да, како што велат, ја информираат јавноста дека сè уште немаат земено плата за март.

Тие ги повикаа надлежените институции, Министерството за култура и туризам и Градот Скопје што побрзо да им се реши проблемот со исплатата на платата, поради кој од вчера околу педесеттината вработени немаат ниту здравствено осигурување.
Претседателот на синдикалната организација при скопската Зоолошка градина, Миле Таневски на прес-конференција пред новинарите изјави дека не знаат зошто Министерството сè уште не им исплатило плата, ниту каде е настанат проблемот.
Рече дека не обвинуваат никого, туку си ја бараат заслужената плата. Последната, како што кажа ја зеле пред 45 дена, поради што се наоѓаат во многу незавидна ситуација.
„Овој протест не го правиме против никого, не е ни против Култура, ниту против Градот, како што имаше препукувања преку некои медиуми. Овој протест е да нè видат, дека немаме земено плата за март и ги поминавме и Велигден и 1 Мај без плата. Последната ја зедовме пред 45 дена. Поради неземена плата на време, од вчера изгубивме и здравство, а имаме колеги што се на боледување. Ги замолувам надлежните што поскоро да најдат модус да ја земеме платата за да не дојде до поголеми штрајкови. Си ја бараме заслужената плата, што треба да ни ја дадат. По кој основ, дали ќе биде исплатена, дали по старо, дали по ново, тука има синдикат, има Влада, има Министерство и тие ќе одлучат како да ни биде исплатена платата. Ако не сме задоволни, има суд каде што ќе поднесе претставки за тоа и ќе работиме според она што ќе ни биде кажано“,
рече Таневски.
За натамошните чекори што ќе преземат, рече, ќе се договорат со синдикатот и колективот.
Со Министерството за култура, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не контактирале.
„Тие контактирале нешто со нашите горе од сметководство, пратиле нашите некој одговор за да видат што е и како е и освен некакви штури информации, друго немаме“,
рече тој.
Неговиот колега, Мирослав Станковиќ, вработен како ЗОО-негувател, рече дека нивното излегување денеска не е ниту протест, туку ја искористиле паузата за да упатат порака што побрзо да им се реши проблемот.
Станковиќ, напомена и дека Зоолошката градина – Скопје, веќе подолг период е арена за политички пресметки и препукувања меѓу сите политички чинители, и на локално и на републичко ниво.
„Ние сме подложни на повреди, па сега веќе немаме ниту здравствено осигурување. Зоолошката градина веќе подолго време е арена за политички пресметки и препукувања, не сакам да кажам меѓу некои, туку меѓу сите политички чинители, дали на локално или на републичко ниво. Нас тоа не нè интересира. Ова за три дена ќе се заборави, меѓутоа штетата ќе биде трајна и затоа апелираме проблемот да се реши, оти не сакаме протести. Сакаме да ни се реши статусот, да имаме здравствено и социјално, затоа што при крај ни се финансиските средства“,
рече тој.
Прашан за состојбите во Зоолошката градина, тој рече дека во неа се вработени малкумина и оти е потребно ангажирање на помлад кадар, кој навремено би бил обучен.
„Немаме луѓе по реони, немаме работници, даваме сè од себе, но подолжни сме на повреди. Има работи кои треба да ги работат двајца, а ги работи еден. Апелираме да се донесат помлади работници, затоа што не се секој може да ја работи оваа работа. Треба да дојдат млади луѓе за да ние ги обучиме и да можат после пет-шест месеци да работата самостојно, да дежураат, да си работат“,
изјави Станковиќ.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, кој ги поддржа вработените на Зоолошката градина, изјави дека застојот е надминат кај институциите од културата на централно ниво и тие веќе ја примиле платата за март, но, не и кај сите институции на локално ниво.
Побара итно решение за ЗОО-Скопје или, како што рече, од утре вратите на установата веројатно ќе бидат затворени за посетителите.
„За жал, дел од институциите коишто се на локално ниво од засега непознати причини сè уште немаат земено плата. Апсолутно е ирелевантно која е причината, многу е важна фактичката состојба. Вработените овде испоснички го поминаа и Велигден и 1 Мај и трпението на овие луѓе е при крај. Од денеска веќе немаат ни здравствено осигурување, тоа во најмала рака е нехумано затоа што секојдневно се изложени на повреди. Итно мора да се најде решение за овој проблем. СОНК ќе ја земе работата под свое, оваа наша толеранција и коректност кон надлежните веројатно некој ја толкува како наша слабост. Апсолутно не е така зашто доколку не се исплати платата, од утре и натаму и вратите на ЗОО веројатно ќе бидат затворени“,
изјави Неделков.
Прашан дали за проблемот разговарал со директорот на скопската Зоолошка градина, тој одговори дека добил информација оти тој не е на работа.
„По оваа прес-конференција очекував да имаме средба со директорот, но тој не е тука. Денеска писмено ќе се обратиме и ќе бараме итно средба со директорот, и не само со него туку и со други директори каде што сè уште има проблем. Директно, директорите се надлежни за исплата на плата, кој е виновен по хиерархија нагоре, нас во моментов не нѐ интересира“,
рече претседателот на СОНК.

Тој соопшти дека според негови информации и другите локални установи од културата кои се под Град Скопје немаат земено мартовска плата.
Поради проблемот со доцнењето на платата за март, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) кон крајот на минатиот месец одржа протестен совет, барајќи достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори и транспарентно управување.