Со плата од 25 илјади денари, која ја земаат во просек 70 проценти од вработените во секторот култура, не може да се преживее месецот, порачаа изминатите денови од Синдикалната организација

Трет ден вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм ќе протестираат барајќи повисоки плати и потпишување нов колективен договор.
Протестот започна во петокот, а продолжи вчера пред Министерството за финансии каде што тие побараа средба со министерот Фатмир Бесими. Денеска, пак, протестот ќе се одржи пред Владата.
Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски, на протестот во петокот изјави дека Синдикалната организација при Министерството за култура веќе има изготвено предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените.
Министерството за финансии минатата година даде негативно мислење, но по само неколку дена, нагласуваат од Синдикатот, со Законот за буџетите се утврди зголемување на платите од 30 отсто за вработените во Министерството за финансии. Вработените во овие трите споменати институции бараат да добијат ист третман како и тие во финансии.

„Платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари. Со плата од 25 илјади денари, која ја земаат во просек 70 проценти од вработените во секторот култура, не може да се преживее месецот“,
рече Костовски во петокот.
Вработените велат дека ќе бидат упорни и ќе протестираат секој ден во голем број сè додека не се оствари целта – соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции.