Сепак вработените во ова Министерството и институциите кои се под негова капа нема да треба да ги враќаат паричните средства кои досега ги добиле согласно оспорената одредба од Законот за буџети, бидејќи конечната одлука, како што информира денеска претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, е укинувачка, а не поништувачка
Кацарска денеска соопшти и дека во Судот пристигнала и е оформен предмет по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за преиспитување на т.н. Балансер (алатка/калкулатор кој одредува од која националност треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување)
Вработените во Министерството за финансии нема да го земаат надополнувањето на плата од 30 отсто, гласи конечната одлука на Уставниот суд во врска со овој предмет. За одлуката денеска информира претседателката на Уставен, Добрила Кацараска, одговарајќи на новинарско прашање.

„Донесена е конечна одлука со којашто е укината оспорената одредба од Законот. Се работи за укинувачка одлука, а не за поништувачка одлука, што значи дека во иднина вработените нема да го земаат тоа надополнување, како што гласеше во Законот, на плата и нема да ги вратат оние парични средства што претходно ги добиле“,
рече Кацарска на прес-конференцијата по промоцијата на поштенска марка по повод 60-годишнината од постоењето на Уставниот суд и лого на Судот.
Уставниот суд на седница на 5 декември лани поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.
Истовремено, Уставен тогаш одлучи да ја замрзне исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 отсто, додека Судот не ја донесе конечната одлука, а за која денеска информира Кацарска.
Поведувањето на постапката од страна на Уставниот суд и замрзнувањето на исплатата на надополнувањето на платата предизвика револт кај вработените во Финансии и институциите кои се под капата на ова Министерство.
Кон крајот на декември, тие како членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), излегоа на протест пред зградата на Уставниот суд, кој беше еден од неколкуте кои беа организирани по овој повод.

Тие тогаш бараа средба со претседателката на Уставен, а од Синдикатот обвинија дека Судот ги одбива сите нивни иницијативи за платите, а за оваа за платите на вработените во Министерството за финансии веднаш била поведена постапка.
„Кога ќе биде донесена конечната одлука и дали се планира, како што се зборува, да ја поништи одредбата од Законот за да вработените ги враќаат парите што ги земаа досега? Исто така, сакам да ја прашам и како кај нив е регулирано и на кој начин вработените во Уставниот суд земаат плата, дали имаат закон, колективен договор или по некој друг подзаконски акт се зема плата и дали и кога ќе бидат земени во работа сите иницијативи кои се поднесени од сите синдикати за платите на уставните судии? До кога во нашата држава ’кадија те тужи, кадија те суди’ системот ќе функционира?“
праша тогаш претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Сепак, како што соопшти денеска Кацарска, одлуката е укинувачка, а не поништувачка, со што вработените нема да треба да ги враќаат парите од надополнувањето што претходно ги добиле.
Деаноски во декември изјави и дека доколку Уставниот суд донесе одлука со која нема да можат работниците да го добиваат ова надополнување на плата, тоа ќе предизвика големо незадоволство, што би значело дека Управата за имотноправни работи нема да ги работи експропријациите за „Бехтел и Енка“, Бирото за јавни набавки нема да работи и ниту една институција во државата нема да има јавни набавки, а има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата.
Претседателката на Уставниот суд денеска соопшти и дека во Судот пристигнала и е оформен предмет по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за преиспитување на т.н. Балансер (алатка/калкулатор кој одредува од која националност треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување).
„Се работи за нов предмет. Точно е дека ДКСК има доставено таква иницијатива до Судот, формиран е предмет, даден е на тим за работа, меѓутоа, колку што јас си споменувам, тој предмет е стигнат пред можеби десетина дена и земен е во работа во секој случај“,
рече Кацарска.

Дека ќе поднесат ваква иницијатива до Уставен, од Антикорупциска информираа на почетокот на јануари. Како што соопштија тогаш оттаму, треба да се провери дали балансерот, како алатка при вработувањата треба да се укине или да се најде можност да се спречи злоупотребата, затоа што етничката припадност е основен податок при вработување.
Според ДКСК, иако имало позитивен резултат во етнички вработувања, во изминатите години станал евидентен порастот на бројот на вработени без реални потреби и без просторни услови во институциите, а практиката покажала дека кандидатите за да се вработат ја наведуваат етничката припадност што се бара во конкурсот.
„Ваквата примена на оваа алатка, каде што етничката припадност е основен податок за распределба на работно место, се коси со мерит-системот, ја нема вредноста за која била наменета и се злоупотребува доведувајќи до ризици од трговија со влијанија, коруптивно однесување и создавање политички клиенти на партиите“,
рекоа тогаш од ДКСК.