Директорката на Централниот регистар на Македонија, Марија Бошковска- Јанковски денеска преку соопштение остро ги осуди заканите на вработениот Емил Јакимовски спрема новинарката на А1.он Мери Јордановска.
Таа информира дека Јакимовски се заканувал и на вработени во Централниот регистар, меѓу кои и нејзе лично и за тоа е отворена дисциплинска постапка, но нема одлука бидејќи тој неколку месеци е на боледување.
„Исто така во изминатиот период во МВР има повеќе пријави од вработени во Централниот регистар поради закани од истото лице. Меѓу пријавите поднесени во МВР е и пријавата поднесена од мене лично како директор каде во изминатиот период сум мета на постојани напади и закани од Емил Јакимовски“, се вели во писмената реакција од директорката на Централен регистар.
Таа апелира до МВР и истражните органи да ги испитаат ваквите наводи и да ги преземат сите неопходни мерки за расчистување на случајот.
Реакцијата од Централниот регистар доажа откако новинарката Јордановска на својот Фејсбук прогил објави дека добивала закани од Емил Јакимовски, вработен во Централниот регистар.

„Јакимовски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, е државен службеник. Работи во Централниот регистар, а заедно со неговиот брат се сопственици на неколку портали. За ова е веќе пријавен во МВР преку Хелсиншкиот комитет, особено затоа што за него веќе има пресуда за семејно насилство, а овие принт-скринови ги објавувам со чиста совест, за партијата да го преиспита психичкото здравје на оние што ги вработувала и на оние што го креираат јавното мислење“,
напиша Јордановска на Фејсбук.

Реагираше и Самостојниот синдикат на медиумите и медиумските работници кој побара од МВР и ОЈО поревносно да ги откриваат и санкционираат ваквите случаи, особено што нивниот број се зголемува во периодот на предизборието.
И Митко Јанчев бил „жртва’ на Јакимовски
И градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев деновиве бил изложен на серија закани, навреди и вулгарни напади од Јакимовски.
Како што објави порталот Фронтлајн.мк откако во јавноста излезе информацијата за нападите врз Јордановска, градоначалникот Јанчев, во знак на солидарност, ги споделил записите од заканите што деновиве ги добивал од Јакимовски, со Ненад Јовановиќ, колумнист на Слободен печат и граѓански активист.
Врз основа на слајдовите од заканите, Јакимовски меѓудругото му се заканува на Јанчев дека за неколку месеци ќе лежи во затвор, дека ќе му ги земат лиценците за работа на неговите компании.

Во сите пораки што Јакимовски му ги испратил на Јанчев, а ги објавува Фронтјалн.мк преовладуваат вулгарни зборови и говор на омраза.