Протестот на вработените кои беа предводени од Синдикатот на „Колска“ е поради тоа што, како што велат, веќе пет-шест месеци Управата за јавни приходи (УЈП) им ја блокира сметката поради заостанат долг од околу 650 илјади евра за периодот од 2013 до 2017 година
Вработените во фабриката за утре најавија нов протест, овој пат пред зградата на владата во Скопје, предупредувајќи дека ако „Колска“ се затвори тогаш ќе нема кој да ги репарира вагоните на „Железници“ и ќе мора да се носат во Србија, Грција или Бугарија
Железничкиот сообраќај на станицата во Велес утринава два часа беше блокиран поради протестот на седумдесетина вработени во велешката фабрика за шински возила „Колска“.
Протестот на вработените кои беа предводени од Синдикатот на „Колска“ е поради тоа што, како што велат, веќе пет-шест месеци Управата за јавни приходи (УЈП) им ја блокира сметката поради заостанат долг од околу 650 илјади евра за периодот од 2013 до 2017 година.

Директорот на „Колска“, Мите Јанков во изјава за МИА вели дека бараат од УЈП итно одблокирање на сметката за да можат да набават репроматеријали и да можат да платат струја и други комунални трошоци.
„Во периодот од 2013 до 2017 година поранешното раководство на ‘Колска’ воопшто не плаќале ДДВ поради што направиле долг од околу 650 илјади евра. УЈП бара од ‘Колска’ тој долг законски да се плати во рок од три години по 20 илјади евра месечно. Ние тој долг не можеме да го платиме со овој број на 70 вработени што останаа на работа. Можеме да си го платиме само за тековниот месец, односно онаа работа што сега ја работиме, само за неа можеме да платиме ДДВ“,
вели Јанков.
Според Јанков, заостанатиот долг ќе можат да го платат во зависност од тоа кога ќе имаат прилив на средства.
„Ни ја блокираа сметката и не можеме да работиме редовно, а ни бараат да враќаме редовно“,
додава тој.
Вработените во фабриката за утре најавија нов протест, овој пат пред зградата на владата во Скопје.
Ако се затвори „Колска“, велат тие, тогаш ќе нема кој да ги репарира вагоните на „Железници“ и ќе мора да се носат во Србија, Грција или Бугарија.
Во моментот во работилницата на „Колска“ има 25 товарни вагони за репарација и еден патнички вагон, кои треба да бидат направени до Нова година.
„Колска“ е единствена фабрика со ваква намена во земјава која порано беше во состав на Железници. Преостанатите 70 од некогашните 350 вработени со години бараат повторно да бидат во состав на Железници.