Според заменик-министерот за транспорт на Бугарија, за несреќата нема начин да се бара одговорност од бугарска страна бидејќи настанот се случил на територијата на Република Србија. Товарот, како што додаде тој, бил префрлен од бугарската инфраструктура во српската, а во моментот на излетувањето од шините на вагонот, стопанисувала српската железница
Товарниот воз со амонијак што излета од шините во источна Србија бил натоварен во Бугарија. Ова за БТВ го изјавил бугарскиот заменик-министер за транспорт Красимир Папукчиски, кој кажал оти возот со 20 вагони бил натоварен со амонијак на територијата на Бугарија во градот Девња на истокот од земјата.
Според Папукчиски, за несреќата нема начин да се бара одговорност од бугарска страна бидејќи настанот се случил на територијата на Република Србија. Товарот, како што додаде тој, бил префрлен од бугарската инфраструктура во српската, а во моментот на излетувањето од шините стопанисувала српската железница.
„Возот ја помина граничната контрола и не беа констатирани никакви прекршувања. Составот е со приватни француски и германски системи кои ги ангажирал испраќачот. Според тоа, тие биле транспортирани од бугарски приватен железнички превозник до територијата на Република Србија“,
изјави заменик-министерот за транспорт на Бугарија и ги советува бугарските граѓани да го ограничат патувањето во Србија.
Во Пирот е прогласена вонредна ситуација откако синоќа од шините се преврти вагон при што од него истече амонијак. Поради симптоми на труење, хоспитализирани се 51 лице, а едно починало по приемот во болницата Пирот, јави РТС не потврдувајќи дека причината за смртта е труење.