Украинската армија тврди дека Русија продолжува со воздушни напади во источниот дел на земјата, а претседателот Володимир Зеленски во видеоораќање рече дека руските сили го уништиле градот Бахмут.
Како што јавуваат странските агенции, битката сè уште е фокусирана на четирите региони претходно анектирани од Русија.
Зеленски рече дека ситуацијата и натаму е многу тешка во неколку градови на фронтот во регионите Донецк и Луганск во источниот дел на земјата.
„Бахмут, Соледар, Марјинка, Кремина. Одамна нема повеќе живот во овие области оштетени од гранати и оган. Окупаторот го уништи Бахмут, уште еден град кој руската армија го претвори во изгорени урнатини“,
рече Зеленски во своето видеообраќање.
Генералштабот на Украина соопшти дека во текот на ноќта имало околу 20 воздушни и повеќе од 60 ракетни напади низ Украина.
Портпаролот Олександр Штупун рече дека најактивните борби се воделе во областа Бахмут, каде што биле погодени повеќе од 20 населени места.