Едно лице загина, а четири други се повредени во сообраќајна несреќа што се случи попладнето на обележан премин меѓу железничката станица Згрополци и Градско.
Од Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом Велес за МИА информираа дека загинатиот е 24-годишно момче, а една жена со потешки повреди е пренесена на клиниките во Скопје. Останатите тројца се згрижени во велешката болница.
Портпаролот на Општата болница во Велес, Тодор Јаковлевски изјави дека жената се здобила со фрактура на лицето и оти по укажаната медицинска помош е препратена во Скопје.
Еден од двајцата потешко повредени има исчашување на колкот и фрактура на чашката на колкот, а вториот има фрактура на ребра.
Несреќата се случила во 12:10 часот кога возилото „форд галакси“ со велешки таблички, без да ја почитува сигнализацијата, минало преку пругата.
„На патниот правец, обезбеден со звучни и светлосни сигнали кои биле исправни, патничко моторно возило без да ја почитува сигнализацијата, навлегло во профилот на пругата и било удрено од товарен воз на патен правец кај селото Ногаевци, Градско“, соопштија од „Македонски железници – транспорт“ за МИА.
Од МВР информираат дека железничкиот сообраќај на тој дел од пругата е во прекин сè до завршување на увидот.