Таа говореше дека сè што се случувало на тој 27 април било сценарио, и притоа со име и презиме посочуваше кој од обвинетите за што бил задолжен

Обвинителството ќе докаже дека обвинетите изготвиле план со намера да ги загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата и со акти на насилство да оневозможат мирно предавање на власта.
Вака обвинителката Вилма Русковска ги започна воведните зборови на судењето на организаторите на насилствата од 27 април.

Таа понатаму на судот му посочи дека за да се разбере шемата по која тие дејствувале треба да се замисли мозаик, во кој секој од присутните обвинети претставува коцка од тој мозаик. „Ако недостига само една коцка мозаикот, не е комплетен бидејќи токму нивните дејствија се тој мозаик“, рече Русковска.
„Сигурна сум дека ќе слушнете дека Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се наоѓале во штабот затоа што извршувале високи партиски функции, дека Трајко Вељаноски бил со Собранието и не знаел за никаков план, дека Владимир Атанасовски тргнал на ракометен натпревар и таму разбрал за нередите. Ама не е така“,
истакна понатаму Русковска.
Таа говореше дека сè што се случувало на тој 27 април било сценарио, и притоа со име и презиме посочуваше кој од обвинетите за што бил задолжен.

„Ќе слушнете како Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се јавувале по партиските штабови за што поголема масовност на протестот и за влегување во Собранието. Ќе ги слушнете и ќе ги видите пораките што тој ден се испраќани до членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Несомнено знаеме кој ги отвори вратите, но знаеме дека ги отворија оти така им беше кажано од обвинетите пред вас и од нивниот лидер Никола Груевски, кој толку сакаше да се соочува со народот на избори, но кога требаше да се соочи со правдата најкукавички избега. Ова несомнено нè носи до Трајко Вељаноски, тогаш претседател на Собранието, и по функција втор човек во државата. Тој одби да се изврши промена на дневниот ред по барање на Оливер Спасовски кој имал поддршка од 10 пратеници, ама затоа не заборави да се допишува со лидерот Никола Груевски, преку ред му даде збор на Зекирија Ибраими и не можеше да го спречи да ја испее химната на Албанија, што беше иницијална каписла за тоа што следуваше. Дали Трајко се обиде да ги заштити колегите, дали се обиде да го спречи лудилото што владееше во Собранието? Не. Не само што не направи ништо туку началникот на неговото обезбедување, Горан Ѓошевски, им помогна да стигнат до салата број 3 каде што се наоѓаа пратениците од новото мнозинство. Единствена грижа беше неговата лична безбедност. Ете таква личност сме имале за втор човек во државата“,
објаснуваше Русковска.
За Владимир Атанасовски рече дека ги мобилизирал и координирал членовите на групата предводена од осудените Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо. Како што опиша, средбите со нив ги одржувал во кафулето на Нинџа „Аристократ“ и во исто време ги координирал водачите на патриотските здруженија и договарал да се спречи примопредавање на власта.

Него го посочи како одговорен за одземањето на хард-дисковите од надзорните камери во Собранието со цел да се уништат доказите. По негова наредба, според Русковска, тоа го сториле осудените Оливер Радулов, тогаш негово лично обезбедување и Сашо Марловски, тогаш вработен во УБК.
„На крај ќе завршам со една мисла на Гоце Делчев: Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на толку различни страни, една од друга потуѓа“,
рече Русковска на крајот од воведните зборови на судењето за организаторите на крвавиот четврток.
По ова започна произнесувањето на вина.
*Поврзана вест
За што се товарат организаторите на „крвавиот четврток“
Во предметот обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски за терористичко загрозување.
Во истрагата за организаторите беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што тие се во бегство, како што соопштија од Обвинителство при поднесувањето на обвинението, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.

Според истрага на обвинителството, осомничените го подготвиле и го реализирале планот за 27 април 2017 година со цел да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година.
Во седиште на ВМРО-ДПМНЕ двајца од обвинетите, според наодите на обвинителството, континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
Ова е втор поголем судски процес што ќе се води за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Најобемниот предмет за „крвавиот четврток“ заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.
Покрај овој, се водеа уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.