Во Белград, на пример, по воведувањето вонредна состојба, кафе-баровите и рестораните не се затвораат, туку ќе работат од 8 до 20 часот
На граѓаните на Србија никој не може да им го забрани движењето, изјави вечерва премиерката Ана Брнабиќ и само препорача домовите да се напуштаат по потреба, а фирмите, по можност, да организираат работа од дома
Нема информации дека вонредната состојба во Србија предвидува обврска за јавните институции и препорака до приватните фирми да овозможат отсуство на еден од родителите во семејствата со деца до десетгодишна возраст, со оглед на затворањето на градинките и училиштата
Веста дека Србија, со 48 регистрирани случаи на коронавирус, воведува вонредна состојба на територијата на целата држава ја наметна дилемата – дали таков потег треба да се преземе и во Македонија. Но, ако се види содржината со која е исполнета одлуката за воведување вонредна состојба во соседната земја, лесно се доаѓа до заклучок дека мерките преземени во Македонија, во одредени елементи, одат над нивото на мерките предвидени со вонредната состојба во Србија.
Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа далеку над вонредната состојба во Србија
На пример, тоа што според македонското законодавство се нарекува кризна состојба, и во моментов е на сила во општините Дебар и Центар Жупа, предвидува значително построги мерки и ограничување на социјалната интеракција меѓу граѓаните за разлика од мерките со воведената вонредна состојба во Србија. Кај соседите тоа ниво на мерки не е предвидено во ниеден дел од земјата.
Нема ослободување на родителите од работа
Затворањето на градинките, училиштата и факултетите, предвидено со вонредната состојба во Србија, е на сила и во земјава. Истото се однесува и на спортските и фитнес-салите.
Но, на пример, нема информации дека вонредната состојба во Србија и затворањето на училиштата предвидува обврска за јавните институции и препорака до приватните фирми да овозможат отсуство на еден од родителите во семејствата со деца до десетгодишна возраст. Ваква мерка е на сила во земјава, иако не е воведена вонредна состојба.
Кафе-баровите и рестораните ќе работат до 20 часот
Во Белград, кафе-баровите и рестораните не се затвораат, туку ќе работат од 8 до 20 часот, при што се предвидува во затворените делови да има најмногу до 50 гости. Во Македонија од вчера се затворени угостителските објекти, а и трговските центри од затворен тип.

Граничниот режим како во Македонија
Дури и за граѓаните над 65-годишна возраст, заради чие здравје според претседателот Александар Вучиќ, се воведува вонредната состојба, има само препорака да не ги напуштаат домовите. Ако во следните три дена препораката не се почитува, можно е воведување забрана за движење на оваа категорија граѓани, најави Вучиќ.
На граничните премини на Србија и за српските државјани што ќе се вратат од странство е предвиден сличен режим како и во Македонија.