Војската на Мјанмар не прецизираше дали амнестијата ќе опфати и лица затворени како дел од репресијата против дисидентите. Воената хунта во оваа земја неодамна заврши со низата судски процеси против соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, и ја осуди на вкупно 33 години затвор
Воените власти во Мјанмар најавија дека ќе ослободат повеќе од 7 000 затвореници по повод одбележувањето на 75-годинишнината од независноста од Велика Британија.
„Вкупно 7 012 затвореници ќе бидат помилувани за да ја одбележат оваа годишнина“,
изјави за АФП, портпаролот на војската на Мјанмар, Зав Мин Тун.
Армијата на Мјанмар парадираше низ улиците на Најпидав за да ја одбележи 75-годишнината од независноста на поранешната британска колонија.
Низ улиците на главниот град поминаа тенкови, ракетни фрлачи и други оклопни возила.
Вработените во јавниот сектор и средношколците продефилираа зад армијата, а во оваа пригода симболично беа пуштени 750 гулаби во знак на мир, објавија мјанмарските медиуми.
Во говорот пред насобраниот народ, водачот на воената хунта, Мин Аунг Хлаинг, обвини некои земји, без да ги именува, за мешање во внатрешните работи на Мјанмар по воениот удар во февруари 2021 година.
Тој рече дека воените власти ќе се сретнат со политичките партии за да разговараат за организацијата на изборите.
Војската на Мјанмар не прецизираше дали амнестијата ќе опфати и лица затворени како дел од репресијата против дисидентите. Воената хунта во оваа земја неодамна заврши со низата судски процеси против соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, и ја осуди на вкупно 33 години затвор.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, Аунг Сан Су Чи, која пет години го водеше Мјанмар, беше соборена од власт со пуч изведен на почетокот на 2021 година.
Екслидерката на Мјанмар беше уапсена на 1 февруари 2021 година, неколку часа пред да биде изведен воениот удар со кој беше соборена демократски избраната цивилна власт во земјата враќајќи ја воената управа во Мјанмар.
Инаку, на 4 јануари 1948 година, Мјанмар прогласи независност по долга борба предводена од генералот Аунг Сан, татко на Аунг Сан Су Чи. Од воениот удар во 2021 година, голем дел од Мјанмар е зафатен од конфликти меѓу воената хунта и бунтовничките локални милиции.