Речиси 70 отсто од селските мерни места за вода за пиење се небезбедни, покажа извештајот на Центарот за јавно здравје. Надлежните препорачуваат редовно чистење на каптажите и хлорирање на водата
67 отсто од селските мерни места за вода за пиење се небезбедни, покажува полугодишниот извештај на Центарот за јавно здравје за квалитет и безбедност на водите за пиење во руралните подрачја во тетовскиот регион.
Д-р Ратко Давидовски, раководител на одделението за здравствена екологија и хигиена, објаснува дека станува збор за присуство на колиформни бактерии, односно појава на одредена нечистотија која, пак, може да биде основа за поголемо загадување. Затоа тој постојано апелира водата во руралните места да се дезинфицира.
фото: МИА
„Кај селските водоводи нема грижа од јавните комунални претпријатија, не се врши редовна дезинфекција на водата, не се врши контрола на извориштата, не се врши чистење на каптажите. Затоа извориштата и каптажите треба еднаш годишно да се чистат. Треба да имаат и оформени прва заштитна зона односно зона на забрана, треба да бидат оградени извориштата и резервоарите. Овие бројки покажуваат дека мора да биде воведена редовна и континуирана дезинфекција на водата за пиење. Најчесто се врши дезинфекција со хлорни препарати, затоа што се најевтини. Ако има хлоринатор, мора да има воведено и струја и тоа е трошок за комуналните претпријатија“,
вели Давидовски.
Податоците на Центарот покажуваат дека 76 отсто од испитаните примероци на крајпатните чешми се небезбедни за пиење. Но, Давидовски вели – населението како да се навикнало на оваа состојба.
„Домицилното население е адаптирано на тие води. Јас и вие ако се напиеме, сигурно ќе имаме стомачни тегоби. Тие се навикнале на таа вода, што не е добра пракса. Обично истакнуваме информација кај овие крајпатни чешми, ставаме лист дека водата не е за пиење и верувајте, за 24 часа тој лист го снемува, тоа соопштение дека водата не е за пиење. Од друга страна, има полно примери и за чиста вода, како, на пример, чешмите од Пршовечка јурија, таму да одиме сега се чека ред. Таа е 75 метри бушотина и има квалитетна вода“,
објаснува Давидовски.
Што се однесува до физичко-хемиските параметри, според докторот, само девет отсто не се исправни, што е добар резултат.
Насловна фотографија: илустрација/архива