Осудениот Бигс, рекоа обвинителите, се гледаше себеси и своето движење како втора американска револуција во која тој и другите „патриоти“ ќе ја преземат власта со сила. Бигс, пак, пред да ја слушне пресудата низ солзи уверуваше дека не сака веќе да има врска со групата „Прауд бојс“. Тој рече дека знае оти ја „зафркнал“ работата, но тврди дека не е терорист

Водачот на екстремистичката група „Прауд бојс“, кој е ветеран на американската армија, Џо Бигс (38), ја доби една од најдолгите затворски казни за немирите и упадот во американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година.
Тој доби 17 години затвор бидејќи беше прогласен како еден од поттикнувачите на упадот.
Бигс побара од судот милост и изрази жалење за своите постапки.
Обвинителите, пак, тврдат дека овој воен ветеран и автор на страницата за теории на заговор „Инфоварс“ (Infowars) користел воени вештини за да командува и контролира голема група луѓе и да води бунт против владата.
„Бигс се гледаше себеси и своето движење како втора американска револуција во која тој и другите ’патриоти‘ ќе ја преземат власта со сила“,
рекоа обвинителите.
Обвинителството инаку бараше речиси двојно подолга казна, односно 33 години.
Објаснувајќи ја одлуката да одреди 17 години, судијата Тимоти Кели рече дека ја засновал својата пресуда врз фактот дека Бигс немал намера да убие никого. Сепак, „одвраќање“, според судијата, е неопходно.
„Нападот ја прекина нашата традиција на мирен трансфер на власта. Една од највредните работи што ги имавме како Американци“,
рече тој.
Пред да биде објавена пресудата, Бигс низ солзи уверуваше дека не сака веќе да има врска со групата „Прауд бојс“. Тој рече дека знае оти ја „зафркнал“ работата, но тврди дека не е терорист.
„Петнаесет до седумнаесет години затвор е премногу. Мислам дека во оваа земја се случува поширока криза на легитимитетот. Погледнете ја актуелната претседателска трка. Каде е Доналд Трамп во сето ова? Во 2021 година тој само им рече на своите 74 милиони следбеници: ’Изборите се украдени. Одете во Капитол! Борете се или повеќе нема да имате земја!‘ Некои луѓе го послушаа. – Требаше ли да знаат дека е лут и огорчен?“,
реагираше Норман Патис, адвокатот на осудениот Џо Бигс.