Осомничените, од април до август 2014 година, како македонски државјани и граѓани, се бореле за ИСИС во Сирија, во вооружените судири кои оваа терористичка организација ги води со меѓународните коалициски партнери
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против двајца македонски државјани поради сомневање дека учествувале во непријателска војска, односно се бореле за Исламската држава – ИСИС.
Истрагата спроведена денеска вo раните утрински часови, како што велат од ОЈО ГОКК, е резултат на повеќемесечна меѓународна соработка синхронизирана со Република Франција.
„Во акцијата во Скопје се лишени од слобода две лица, додека во Република Франција едно лице кое е македонски државјанин. Осомничените, во 2014 година ја напуштиле територијата на Република Македонија, по што пристигнале во Сирија, место кое било под вооружен судир помеѓу припадниците на Исламска држава – ИСИС и меѓународните коалициони сили. Од април до август 2014 година, како македонски државјани и граѓани, станувајќи припадници на терористичката организација – Исламска држава – ИСИС учествувале во вооружените судири“,
велат од ОЈО ГОКК за истрагата која е отворена за двајцата што се уапсени во земјава.
Осомничените, додаваат од Обвинителство, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
Поради тоа што јавниот обвинител смета дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.
Исламска држава – ИСИС, потсетуваат од ОЈО ГОКК, од страна на ООН е прогласена како терористичка организација и согласно одредбите во Кривичниот законик, граѓанин на Република Северна Македонија кој за време на војна или вооружен судир служи во непријателска војска или во други непријателски вооружени формации, ќе се казни со затвор најмалку три години.
ОБНОВЕНО:
Основниот кривичен суд Скопје им одредил притвор на двајцата уапсени во земјава, потврдија од ОЈО ГОКК.