Пожарот во Кочани гори веќе трет ден, но таму е упатен голем човечки потенцијал и имаат контрола врз него, велат од ЦУК
Активни во моментов се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов и додава дека состојбата се менува од час во час, но ЦУК ги ангажирале сите расположливи ресурси и верува, доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе биде воспоставена целосна контрола врз сите пожари.
Посочува дека кај селото Дренок во овој момент дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден наш Армиски хеликоптер. Ангелов очекува наскоро тој пожар да биде ставен под контрола.
„Втората посериозна ситуација е околу Пехчево каде што исто така утрово делуваше хеликоптер на Армијата којшто се повлече за дотур на гориво и истиот повторно ќе се врати да дејствува, да продолжи со гаснење на пожарот околу тоа село,
изјави Ангелов.
Други активни пожари во овој момент има во Валандово, во месноста Погана, кој исто така зафаќа поголема површина со ниско стеблесто растение. Потоа, во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, пожар има и во Прилеп, поточно на Плетвар, и уште еден пожар во Делчево.
Пожарот во Кочани гори веќе трет ден, но како што посочи Ангелов, таму е упатен голем човечки потенцијал и имаат контрола врз него.
„Состојбата се менува од час во час и ние однапред не можеме да предвидиме како пожарите ќе се однесуваат затоа што исклучително сувата вегетација и високите температури, но и ветерот кој што дува особено во источна Македонија придонесува за брзо ширење на пожарот, но и за брзо менување на правците“,
рече Ангелов.
Пожарот во Валандово се шири во различни правци како што го носи ветрот, но Ангелов напомена дека имаат контрола врз ситуацијата.
„Во текот на вчерашниот ден јас ги посетив Гевгелија и Валандово, односно двата пожари, со свои очи да видам што се случува на терен. За пожарот во Валандово има една карактеристика дека на одредено место ветрот дува во една насока, а само 500/600 метри понатамау дува во друга насока. Пожарот се шири во различни правци, но генерално имаме контрола врз ситуацијата“,
изјави Ангелов.
Како што посочи, од Србија веќе има четири хеликоптери, но бидејќи гаснат на туѓа територија, во придружба се со еден наш армиски хеликоптер.
„Од Србија имаме четири хеликоптери од кои три се за гаснење, а едниот е за извидница. Мора да имаме во предвид дека овие хеликоптери гаснат на туѓа територија која што не ја познаваат и затоа мора да бидат придружени од еден наш армиски хеликоптер. Токму тоа беше причината вчера, кога тие веќе беа подготвени, да не можат да полетат, бидејќи нашите хеликоптери беа на терен и гаснеа. Доколку ги повлечевме назад за да ги земат српските во придружба, ќе се намалеше видливоста и истите немаше да можат да полетат, немаше време“,
додаде Ангелов.
Тој посочи дека е побарана помош од Словенија и од Грција, но дополнително ќе информира кога би требало да пристигне.