Кинеските власти објавија дека бројот на починати, но и на заразени од новиот коронавирус во земјата продолжува да се намалува
Во земјава нема заболени од коронавирусот. Тестирањата на тројцата патници кои допатуваа во нашата држава, двајца од Италија, а еден од Дубаи изминатите два дена, се негативни.
Официјално: Нема коронавирус во Македонија
Официјално: И кај вториот сомнителен пациент нема коронавирус (ВИДЕО)
Последниот сомнителен случај, трет досега, беше ноќеска, кога беше тестирана патничка која пристигнала од Милано, но и нејзиниот резултат покажа дека таа не е заболена од вирусот.
Министерството за здравство апелира до јавноста да не наседнува на лажни вести и да не се крева паника без потреба, бидејќи здравствениот систем е подготвен и спремни се сите капацитети на Клиниката за инфективни болести и на трите инфективни одделенија во Штип, Велес и Гостивар во случај на евентуална појава на заболени.
По ширењето на бројот на заразени во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања каде што престојуваат околу 23 000 наши државјани, македонските власти го подигнаа нивото на заштита и превенција.
Владата на седница донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје. На граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.
Влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија се ограничува само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. За патниците кои доаѓаат од критичните региони доколку почувствуваат некои од симптомите, отворени се 14 телефонски линии во сите региони за да не шетаат по здравствените установи.

На Министерството за здравство му е наложено итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот, како и соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.
Исто така, Министерството за здравство ќе формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата за точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на коронавирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.
Бројот на починати и заболени во Кина се намалува
Во меѓувреме, кинеските власти објавија дека бројот на починати од новиот коронавирус во земјата продолжува да се намалува.
Националната здравствена комисија соопшти дека вчера од вирусот починале 52 лица, во споредба со 71 смртен случај во понеделникот и ова е најмал број во последните три недели.
Во Кина од Ковид-19 досега починаа вкупно 2.715 лица.

Вчера се потврдени нови случаи 406, наспроти 508 во понеделникот.
Со ова, вкупниот број на потврдени случаи во Кина без Хонг Конг и Макао, изнесува 78 064.
Сите 52 нови смртни случаи и нови заразени од вчера се во Хубеј, епицентарот на епидемијата. Во понеделникот таму од вирусот починаа 68 лица.
Еден ден претходно, во централната кинеска провинција беа пријавени 499 нови заразени.
Според податоците од крајот на вчерашниот ден, во Хубеј се регистрирани 65 187 случаи на инфекцијата, а починале 2 615 луѓе.