Откако претседателот на Узбекистан минатата недела предложи уставни измени со кои на автономната провинција Каракалпакстан ѝ се забранува да организира референдум за независност, а се забранува и употребата на јазикот на оваа провинција, во регионалниот главен град Нукус и други градови избија протести
За време на минатонеделните немири во автономната провинција Каракалпакстан загинаа 18 лица, соопшти канцеларијата на главниот обвинител на Узбекистан, а безбедносните сили привеле 516 демонстранти. Многу од нив сега се ослободени, соопшти Националната гарда, пренесува РСЕ.
Протести избија во регионалниот главен град Нукус и други градови по предложените измени на Уставот на Узбекистан, иницирани од претседателот Шавкат Мирзијоев на 27 јуни, вклучително и отстранување на јазикот. Со предложените измени на Уставот се укинува загарантираното право на Каракалпакстан да бара независност доколку граѓаните одлучат да го сторат тоа на референдум.
Но, за време на посетата на Каракалпакстан на 2 јули, Мирзијоев се откажа од плановите и рече дека јазикот нема да биде отстранет од Уставот.
Во соопштението објавено од неговата канцеларија на 3 јули, Мирзијоев призна дека имало смртни случаи меѓу безбедносните сили и меѓу цивилите за време на масовните протести во регионот, а друг извештај вели дека повеќе од 1 000 луѓе биле повредени во немирите.
Тешко е да се дојде до точни информации од регионот, а локалните жители велат дека интернетот и телефонските услуги се строго ограничени, додека вонредната состојба го ограничува движењето.
Во соопштението објавено на интернет, Мирзијоев рече дека демонстрантите презеле „деструктивни акции“ во Нукус, главниот град на регионот, фрлајќи камења, предизвикувајќи пожари и напаѓајќи ги безбедносните служби.
Во соопштението објавено на 4 јули, Европската Унија повика на независна истрага за насилните настани во Каракалпакстан.
„Длабоко жалиме за жртвите и загубата на човечки животи и продолжуваме внимателно да го следиме развојот на настаните“,
се вели во соопштението во кое се повикуваат сите страни на воздржаност за да се избегне ескалација или дополнително насилство.
Дополнително, Европската Унија ги повика властите да ги гарантираат човековите права, вклучително и основните права на слобода на изразување и слобода на собирање, во согласност со меѓународните обврски на Узбекистан.