Станува збор за грабеж што се случил на улицата позната во светот по продавниците кои продаваат луксузни брендови накит и часовници
Познатата златарница „Пјаже“ во центарот на Париз е ограбена од три лица кои заминале со плен чија вредност се проценува помеѓу 10 и 15 милиони евра, соопшти париското обвинителство.
Улицата каде што е сместена златарницата е „Ри де ла Пе“ и е во непосредна близина на плоштадот „Вендом“ и таа, како што пренесуваат странските медиуми, е позната во светот по тоа што таму се продаваат луксузни накит и часовници од најпрестижните светки брендови.
Според првичните информации за денешниот грабеж, тој се случил околу 13 часот, а од тројцата крадци барем еден носел оружје.
Обвинителството соопшти дека истрагата се води за вооружена кражба и организирање криминална група.
Ова е втора кражба за околу три месеци во луксузните продавници во срцето на Париз. На 29 април годинава три лица со мотор ја ограбија златарницата „Булгари“ која се наоѓа на споменатиот плоштад „Вендом“.
И тогаш дел од крадците биле вооружени, а беше повреден еден чувар. Украдениот накит вредеше повеќе милиони евра.