Генералната секретарка на РСС како пример на регионалната соработка го посочи укинувањето на роамингот на Западен Балкан и посочи дека во тек се подготовки да се овозможи бесплатен роаминг и со ЕУ
Регионалната соработка во Југоисточна Европа (ЈИЕ) е составен и суштински елемент на нејзиниот општествено-економски напредок, порача генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу, во обраќањето на меѓународната конференција „Дубровник Форум 2021 година“.
„Како резултат на соработката втемелена на добра волја, укинати се цените за роаминг на целиот Западен Балкан, што веднаш го олесни животот на оние кои патуваат и водат бизнис во регионот“,
потсети Брегу.
Освен укинувањето на роамингот како добар пример за Западен Балкан, таа посочи дека во тек се подготовки да се овозможи бесплатен роаминг и со ЕУ, а потсети и дека врз база на регионалната соработка во време на пандемијата беа отворени границите за основни стоки и лекови, односно т.н. зелени коридори.
Брегу потсети и на првата Стратегија за развој на Југоисточна Европа 2030, која минатиот месец ја усвоија земјите-членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, која ги опфаќа и Западниот Балкан, Турција, Молдавија и членки на ЕУ.
„Таквата географска покриеност сама по себе е силна политичка порака“,
рече Брегу.
Инаку, според податоци кои беа изнесени, поради пандемијата со ковид-19, Југоисточна Европа претрпела пад на БДП од 5,7 отсто. Просечната невработеност во овој регион изнесува 11 отсто додека на ниво на ЕУ е 7 отсто, а невработеноста на младите во просек е 22,3 отсто.