Изјавата на Мицкоски се однесуваше на вчерашното постапување на полицијата во Судскиот совет, а во врска со побарана наредба за обезбедување записници од седница на Советот поврзана со мандатот на доскорашната претседателка Весна Дамева, која неодамна поднесе оставка од функцијата претседател на ова тело
Од Министерството за внатрешни работи за државната новинска агенција МИА денеска изјавија дека двата барани записници се одземени и дека во моментов се води предистрага за случајот
Во врска со вчерашното постапување на полицијата, денеска преку соопштение реагираа од Судскиот совет од каде што велат дека во просториите на ова тело не бил извршен претрес, туку дека Советот примил писмени барања од ОЈО Скопје и постапил по нив
Во Судскиот совет се манипулирала волјата и мислењето на членовите од страна на поединци, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашното постапување на полицијата во Советот за обезбедување на два записника поради сомнежи за кривично дело.
Прашан за коментар на случајот, премиерот изјави дека таму постои основано сомневање за големи злоупотреби коишто, како што кажа, биле правени во изминатиот период.
„Конкретната акција од вчера е со цел да се потврди основано сомневање за фалсификување записници од работата на Судскиот совет, преку кој практично се манипулирала волјата и мислењето на членовите на Судскиот совет од страна поединци и очекувам дека многу скоро од денеска и тоа да биде расчистено“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Кичево.
Во таа насока, тој ги повтори наводите дека довербата кај граѓаните во судскообвинителскиот систем е околу два отсто, но, додаде дека, според неговите оценки, правдата иако е бавна постепено доаѓа.
„Мора да ја вратиме довербата кај граѓаните, мора правдата да владее на целата територија на Македонија, на сите овие 26 квадратни километри. Така што, мораме да бидеме правна држава, ако сакаме да одиме напред и да се развиваме како треба. Тоа важи за сите, и за тие порано, но и за тие што и денес мислат дека на лесен начин ќе ја изигруваат правдата“,
кажа Мицкоски.
Од Јавното обвинителство на РСМ вчера попладне соопштија дека по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, полициски службеници постапуваат во Судскиот совет за обезбедување два записника со цел проверка на евентуални елементи на кривично дело.
Од Обвинителството појаснија дека постапувањето во Судскиот совет не е поврзано со штотуку формираниот предмет за „црната листа“ на САД, туку се однесува на известување од Министерството за внатрешни работи во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Советот во врска со мандатот на доскорашната претседателка Весна Дамева, која неодамна поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет.
Од Министерството за внатрешни работи за државната новинска агенција МИА денеска изјавија дека двата барани записници се одземени и дека во моментов се води предистрага за случајот.
„Одземено е тоа што треба да се земе, предистрагата е во тек и кога ќе заврши сѐ ќе информираме“,
велат од МВР.
Во врска со вчерашното постапување на полицијата, денеска преку соопштение реагираа од Судскиот совет од каде велат дека во просториите на ова тело не бил извршен претрес, туку дека Советот примил писмени барања од ОЈО Скопје и постапил по нив.
„Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ. Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството“,
се вели во соопштението на Судскиот совет објавено на неговата веб-страница.
Инаку, премиерот Мицкоски неодамна од собраниската говорница рече дека добива информации од свиркачи за она што се случува во Судскиот совет, меѓу другото, за наводни фалсификувани записници.
„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама. Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи“,
изјави премиерот на 28 ноември на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Набрзо по изјавата на Мицкоски, претседателката на Судскиот совет поднесе неотповиклива оставка од функцијата, а како причина за оставката, меѓу другото, наведе дека од страна на одредени политичари од власта се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во таа насока, директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.