Повеќе владини делегации, претставници на кабинетот на шефот на државата, собраниски делегации, како и членови на семејството на поранешниот претседател Борис Трајковски, утре ќе одбележат 19 години од неговата смрт во Струмица, Скопје и Ротимље.
На овогодишното одбележување во Струмица, со почеток во 10:00 часот на споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе делегацијата од Владата на Република Северна Македонија, предводена од Јованка Тренчевска – министерка за труд и социјална политика, заедно со Борче Хаџиев – директор на Бирото за јавни набавки.
Во Бутел во Скопје, со почеток во 11:30 часот, на гробот на поранешниот претседател Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, делегација на кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија предводена од Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, делегација на Собранието предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, делегација на Владата на Република Северна Македонија составена од Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт. Потоа делегација на АРМ предводена од генерал мајор Азим Нуредини, заменик-началник на Генералштаб, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.
Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, на спомен-обележјето каде што се случи авионската несреќа, во 13 часот ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе владина делегација во состав: Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи и претставници од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија Катерина Цаневска Арсовска, советник на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот.
Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.
Во авионската несреќа, која се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осум члена на делегацијата која патуваше на меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова-Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи, Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.