Министерот за внатрешни работи потврди дека станува збор за терористички организации кои во соработка со лица од странство кои подолг временски период биле следени од безбедносните служби
Четири лица за кои македонските власти имаат основано сомнение дека планирале да организираат настани со кои би ја загрозиле безбедноста на Македонија и на други држави, биле уапсени утринава во полициска акција која била спроведена во Струга и Гостивар, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој вели дека се извршени претреси на повеќе локации, а за инволвираните лица рече дека биле дел од терористички организации, кои во соработка со лица кои се надвор од државата, подолг временски период биле следени од надлежните безбедносни органи и оти за нив се постапувало во координација со меѓународните пријатели на земјава.
„ Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели“,
рече Тошковски.
Сите четири лица се македонски државјани, а се очекува во текот на денот да бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
„Кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а во однос на мотивите имаме основани сомненија дека се поврзани со одредени групации кои се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи“,
заклучи министерот Тошковски.