Две нови жртви на коронавирусот се регистрирани во Србија во текот на минатата ноќ, со што вкупната бројка на починати сега изнесува шест лица, соопшти српското Министерство за здравство.
Едниот пациент е 80-годишен маж кој бил на респиратор и боледувал од кардиомиопатија, имал хипертензија, хронично опструктивно белодробно заболување и дијабетес мелитус. Тој починал на Инфективната клиника во Белград.
Во Ниш, пак, починала 62-годишна жена која хронично се лекувала од артериска хипертензија и дијабетес, како и ревматоиден артритис.
Бидејќи Белград (158 лица), Ниш (40) и Ваљево (38) досега имаат најмногу заболени од коронавирисот, советничката за медиуми на претседател на Србија Александар Вучиќ, Сузана Васиљевиќ, најави дека наскоро за овие три града може да бидат донесени нови мерки и дека сè уште не се знае какви ќе бидат тие.