Напладне предвиден е собир со по една минута молк за сите 59 жртви кои трагично загинаа во дискотеката „Пулс“, како и една минута молк за возачот на Брзата помош

Во Солун денеска напладне планиран е 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви кои трагично загинаа во дискотеката „Пулс“, како и една минута молк за возачот на Брзата помош кој почина откако беше објавено дека 11 пати возел на релација Кочани-Скопје за да превезе голем број повредени во трагедијата.
Дополнително, во спомен на загинатите ќе има и црни балони, а преку социјалните мрежи беше објавен повик „Солун се солидаризира со Кочани“.
„Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка“,
пишува во повикот за собирот.
Повикот за молк во Солун за жртвите во Кочани го пренесоа и дел од грчките медиуми, пред сè солунските информативни портали, но и државната телевизија ЕРТ.
Собирот е закажан за 12 часот по локално време на плоштадот „Аристотел“.