Среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките, како што информираат од МЖСПП, се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар и епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ 10 честички е прекината во Скопје и Струмица
Во Скопје и во Струмица престануваат да важат препораките за зголемено аерозагадување затоа што концентрацијата на ПМ 10 честичките е под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар.

За ова денеска информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) повикувајќи се на податоците од Државниот автоматски мониторинг на воздухот.
„Согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем на 4.1.2024, среднодневните концентрации на ПМ 10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар и епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ 10 честички е прекината во Скопје и Струмица. Со тоа мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат“,
информираат од Министерството.
Мерките и препораките за зголеменото аерозагадување во главниот град стапија во сила на 27 декември.
Дел од препораките беа ослободување од работа на бремени жени, лица постари од 60 години, како и лица со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.