Во Скопје во последното деноноќие се хоспитализирани нови 28 ковид-пациенти, а на инфективните оддели во главниот град се лекуваат 350 лица. Како што информира Министерството за здравство, на територијата на целата земја во ковид-центрите се лекуваа вкупно 916 пациенти, а уште околу 280 болнички кревети се на располагање.
„Вкупно 350 пациенти потврдени и сомнителни на ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка“,
велат од Министерството.
Низ ковид-центрите во внатрешноста пријавено е дека се лекуваат 566 пациенти кои се позитивни или суспектни на ковид-19.
„По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 44 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 43 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 19 пациенти, во Велес се лекува 41 болен, а во Куманово 92 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19“,
велат од Министерството.
Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 63 пациенти, во Прилеп 75, во Гостивар 20, а во Струга 15 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 36 пациенти, во Кочани 8, во Кичево 11, Кавадарци 76, во Гевгелија 10 лица, а во Дебар 13 позитивни и сомнителни на корона-вирусот.
„Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има г увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
информираат од Министерството за здравство.