Во штипската клиничка болница во моментов се сместени 50 заразени лица со ковид-19, а во градот има 579 лица кои се наоѓаат во изолација.
Штип, порачува градоначалникот Благој Бочварски, се соочува со третиот бран на вирусот и бројките не смеат никако да се потценат, туку мора да се вклучи алармот, сите капацитети да се стават во функција, како и претпазливоста кај граѓаните.
Сепак, Бочварски е оптимист дека ќе успеат да се изборат со овој бран без да се воведува карантин и во овој момент, според него, нема услови да се воведе таква мерка.
„Кристално јасно ми е дека ниту еден граѓанин не посакува враќање на овие состојби во градот, но сакам да ја искористам оваа можност и да побарам највисока одговорност за себе. Иако Општина Штип не носи одлука за карантин и полициски, сакам да кажам свој став дека сум оптимист и дека ќе успееме да го пребродиме овој бран без да се случи какво било затворање на градот. Затоа мора да направиме се и да не дозволиме да продолжи сериозниот раст на новозаразени“,
вели Бочварски.
Во кругот на клиничката болница, како што и претходно информираше Министерството за здравство, се прави терен за монтажен објект кој би требало да се користи на есен во случај да има недостиг од болнички капацитети.
Здравствените работници, пак, рече градоначалникот, се уморни и изложени на ризик, и тоа треба да го знаат сите и да им помогнат во иднина да можат да се справат со предизвиците.