Како што јавува репортерот на „360 степени“ од Штип, на неколку минути по завршувањето на гласањето почнуваат да се собираат членови и симпатизери на СДСМ во локалното партиско седиште и меѓусебно си честитаат. Неофицијлано, според дел од присустните, потребниот одѕив за успешност на денешните избори за градоначалник е постигнат. Засега нема таква потврда од Општинската изборна комисија.

Според последните официјални информации од Државната изборна комисија, излезноста во Штип до 17 часот изнесуваше 28,01 проценти од вкупниот број гласачи. Потребни беа уште 2 295 гласа за да се исполни цензусот од една третина од гласачите за изборите да бидат успешни. На избирачкиот список во Штип се запишани 41 777 граѓани со право на глас.
Доколку е исполнет условот за минимум една третина одѕив, победник е кандидатот што освоил мнозинство гласови од оние што излегле денеска на избори.
На предвремениот избор за градоначалник во Штип се кандидираа петмина и тоа независниот кандидат Трајче Митев кој ги собра потребните 260 граѓански потписи, Лазар Наумов од партијата ТМРО, потоа актуелниот пратеник Сашко Николов од СДСМ, Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, а составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација и кандидатот на македонската конзервативна партија Интегра, Симон Поликарп – Џими.
Изборите за градоначалник во Пласница, пак, се успешни, со оглед на тоа што една третина од гласачкото тело излегло на гласање. До 17 часот на избрирачките места таму гласале 38,11 проценти од електоратот (1 888 од 4 954 регистрирани гласачи).
Избраните градоначалници на Штип и Пласница би имале мандат од девет месеци се до редовните локални избори во 2021 година.