Раководството на СДСМ викендов во Струга ќе ја доработи стратегијата за претстојните локални избори, а ќе паднат и првите одлуки за кандидатите за градоначалници, најави генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски во гостувањето на ТВ Сител.
Тој потсети дека во тек повикот за пријавување кандидати за градоначалници кои не мора да се членови на СДСМ. Постапките течат, а рокот е до 30 јуни.
„Интерните и анкетата на ИРИ покажуваат дека и СДСМ и коалицијата е фаворит на претстојните локални избори. Имаме висока реализација на проектите и ветувањата, како и предкампањска активност во која најавивме 1 000 средби со граѓаните. Секој ден нашите функционери се на терен, одговараат на прашања, даваат извештај за сработеното, но и ги прибираат идеите. Овој викенд раководството на СДСМ ќе биде два дена во Струга каде ќе ја доработиме стратегијата за настап на локалните избори каде ќе паднат очигледно првите одлуки за првите кандидати за градоначалници. Летово нема да запреме со активностите, а ќе ги селектираме и одбереме најдобрите“,
рече Николовски.
И најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, досега официјално не потврдила кандидат за градоначалник за некоја општина. Во последните изјави оттаму, посочија дека во тек се внатрепартиски, но и надворешни анкети, како и дека кандидати прво треба да поминат во партиските структури за да ги објават јавно.
„Сè уште не се завршени конкретните детали за избор со кои можеме да излеземе во јавноста, треба да поминат во партиските структури. Има и внатрешна и надворешна анкета кои се во тек и се испитува она коешто е капацитет на сите кандидати во сите општини, но и човечкиот капацитет на секој од кандидатите, можните кандидати коишто ќе можат да одговорат на она коешто ќе биде ветено пред граѓаните“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција пред два дена.