За тоа дали СДСМ на претстојните избори ќе настапи во коалиција со ДУИ, Спасовски рече дека раководството на партијата се уште нема донесено одлука и оти во тек е анализата од која треба да произлезат одлуките односно какви би биле коалициите, но според него сите опции треба да бидат во игра и да се разгледуваат
Прашан дали повеќе се гледа себе си како шеф на државата или како лидер на СДСМ, Спасовски не одговори конкретно

Подобро информациите да се земаат од официјални извори, вака министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги коментира информациите кои се шират во јавноста дека во СДСМ има тензична атмосфера и оти поранешниот лидер Зоран Заев му наложил на актуелниот претседател Димитар Ковачевски до 28 јануари да се повлече од партијата.
„Како ќе се наближуваат изборите се креираат низа на информации, дезинформации за состојбите. Во СДСМ сега е интензивно, се работи, се подготвува партијата за двата изборни процеси, се одржуваат секојдневни средби на повеќе нивоа на општинските организации, по месните одбори. Значи партијата е спуштена до најниско ниво на комуникација со своето членство и таа динамика и активност ќе се засилува. Многумина можеби посакуваат некакви сценарија, но за жал ќе ги разочарам, а за среќа на СДСМ немаме такви проблеми за кои се шпекулира во јавноста“,
рече Спасовски во вечерашното интервју за емисијата „10 минути”, на ТВ21.
За тоа дали СДСМ на претстојните избори ќе настапи во коалиција со ДУИ, Спасовски рече дека раководството на партијата се уште нема донесено одлука и оти во тек е анализата од која треба да произлезат одлуките односно какви би биле коалициите, но според него сите опции треба да бидат во игра и да се разгледуваат.
„Сите одлуки треба да се донесат врз основа на анализи. Анализите на крајот треба да донесат изборен резултат што ќе значи победа на изборите. Моментално се работи на таква анализа во партијата и тука треба да се донесат одлуките – какви би биле коалициите. Но, едно е важно, дека проевропскиот фронт го имаме како фронт што ќе се бори против оние кои немаат некаков концепт за иднината и не нудат некакви решенија. Анализите ќе покажат што е најдобро и сигурно дека така ќе настапи партијата. Сите опции треба да бидат во игра и да се разгледуваат, но се уште нема таква одлука од раководството, како ќе се настапи на изборите. Коалицискиот потенцијал на СДСМ е далеку поголем од оној на опозицијата и во тој правец и понатаму ќе се работи“,
додаде Спасовски.
Прашан дали партијата на Таравари може да влезе во комбинација, Спасовски одговори дека „ако анализите покажат дека треба да се оди на заеднички листи, сите кои се за европскиот фронт тоа треба да се направи или ако анализите покажат дека треба да се оди на посебни, раздвоени листи, секако дека СДСМ ќе настапи на изборите со својата коалиција што ја има сега, со своите традиционални партнери“.
Околу информациите во јавноста дека токму тој ќе биде идниот претседателски кандидат и прашан дали повеќе се гледа себе си како шеф на државата или како лидер на СДСМ, Спасовски не одговори конкретно.
„За никого личните амбиции не се поважни од секој еден член на партијата, секој граѓанин, партијата или државата. Има постапки, се даваат предлози аргументирани и тоа е демократски процес кој се одвива не од сега, туку од формирањето на партијата до денес. Најдобриот кандидат за претседател, најдобрите кандидати за пратеници и добра програмска понуда е тоа што ќе го направиме во следниот период“,
рече Спасовски.
Прашан за впечатоците од работниот престој во Вашингтон, САД, кој практично претставува прва посета на министер од ресорот внатрешни работи, Спасовски рече дека одржале средби кои се за иднината на соработка, продлабочувањето на соработката како стратешки партнери и, секако, како што рече, иднината на државата, генерално.
Спасовски одговарајќи на прашање за „црните листи“ на САД во корелација со одлуката на Владата дека американската и британската „црна листа“ ќе бидат земени предвид во македонските закони, потенцираше дека соработката со САД, ЕУ и Обединетото кралство на стратешко ниво со овие чекори се продлабочува токму на најважните принципи како што се борбата со криминалот и корупцијата.
„Ние вчера донесовме еден предлог, којшто ќе биде операционализација преку позитивните законски прописи во однос на лицата или правните субјекти коишто се наоѓаат на црната листа или на САД или на Обединетото Кралство, сѐ со цел да може да се отвори простор преку органите на системот, преку правосудните органи да се завршат одредени постапки коишто, пред сѐ, се во функција на јакнењето на борбата против криминалот и корупцијата. И тоа е основата на одлуките и јасниот едногласен израз на политичката волја на Владата“,
рече министерот Спасовски.
Спасовски објасни дека преку донесување на вакво законско решение ќе се штити интересот на граѓаните и јавноста, сите постапки коишто ќе значат негова операционализација, како што се забрана за учество во јавни набавки или во политичкиот живот, ќе бидат утврдени со тоа законско решение.
Во делот од разговорот посветен на борбата против корупцијата, Спасовски потсети дека бројките покажуваат зголемена ефикасност во откривањето на коруптивните зделки, но и дека системот мора да биде ефикасен од почетокот до самиот крај на процесирање на случаите, што ќе придонесе за зголемување на довербата во институциите.
„Споредбено од 2021 до 2023, имаме скоро за 50% зголемување на откривањето на кривични дела коишто се коруптивни, се побрзани со корупција. Имаме дури двојно зголемување на сторителители на кривичните дела и вкупната штета во 2023 година е некаде околу шест милиони евра. Тоа покажува дека политичката волја се артикулира низ институциите на системот и тоа е процес низ којшто треба паралелно да јакне јавната свест во делот на борбата против корупцијата, меѓутоа да јакнат и институциите, сѐ со цел да бидат ефикасни“,
додаде Спасовски.