Огнот кој вчера стихијно се ширеше во најголем дел од реонот на селото Отошница и дел од село Радибуш опожарил шуми и ливади, но и куќи на месното население
Шумскиот пожар што вчера зафати голема површина во атарот на селата Отошница и Радибуш во oпштина Ранковце рано утрово е локализиран, информираат од ЈП „Македонски шуми“, подрачно шумско стопанство „Осогово”, Крива Паланка.
„Пожарот кој вчера стихијно се ширеше во најголем дел од реонот на селото Отошница и дел село Радибуш и опожари и шуми и ливади, но за жал и куќи на месното население, е локализиран околу полноќ. По неговото првично локализирање повторно се појавија одредени жаришта, на кои се интервенираше, така што целосно е локализиран околу два часот утринава. Со пожарот е зафатена голема површина борова и дабова шума, ливади, а проценка и мерење ќе се врши во текот на денот“,
изјави Ивица Митовски, директор на ПШС „Осогово”, Крива Паланка.
Синоќа во Ранковце, на местото каде што пожарникарите и мештаните се бореа со пламените јазици, беа и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пренсува МИА.
„Службите се на терен, сите надлежни институции се активирани, со цел да се стави под контрола оваа состојба. Координирано работиме со сите надлежни институции, со цел најитно спречување на поголеми штети. Државните органи се во полна подготвеност, да се справиме со ова успешно и ефикасно. Вечерва остануваме на терен, заедно со граѓаните, со сите екипи, затоа што безбедноста, заштитата на населението и материјалните добра е наш врвен приоритет“,
напиша Николовски на својот Фејсбук.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, напиша дека, по локализирање на пожарот, со вицепремиерот Николовски и со македонската полиција се упатиле кон Старо Нагоричане, каде што има активни пожари.
И во општина Крива Паланка, во текот на вчерашниот ден, се регистрирани повеќе пожари, во селата Варовиште, Конопница и Кошари, а опожарени се плевна, куќа, дрва за огрев, сува трева, нискостеблеста деградирана шума и дабова шума.