Ова тело би требало да постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, како и за финансиски истраги, сложени предмети и предмети од исклучителен интерес на јавноста, се вели во соопштението на Обвинителството
Во координација со јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје донесе одлука за формирање на посебно одделение за сериозен и сложен криминал кое би требало да постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, финансиски истраги, сложени предмети и предмети од исклучителен интерес на јавноста.
На раководното место во одделението е поставен јавниот обвинител Владимир Милошески, кој ќе работи заедно со уште седум искусни јавни обвинители од скопското обвинителство.
„Потребата за оваа организациска промена, според ОЈО, произлегува од зголемениот прилив на сложени криминални предмети во текот на 2024 година кои произлегуваат од неколку индикатори помеѓу кои ги наведуваат измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 и измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што, според нив, бара поинаква внатрешноинституционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги“,
велат од Јавното обвинителство.
Оттаму велат и дека при тековното работење на предмети, се забележани облици на сериозен и сложен криминал кои пред сè имаат поврзаност со кривични дела против животот и телото, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против службената должност и кривични дела против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје.
„Главна одлика кај овие кривични дела е голем број инволвирани лица и правни субјекти, сложеност на дејствијата кои треба да се испитаат и утврдат и воедно да се детектираат во целина настапените штетни последици како законско обележје на кривичните дела. Имајќи предвид дека сторителите сè почесто користат разни механизми за прикривање и на кривичноправните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал“,
велат од ОЈО.
Одделението, како што велат од Основното јавно обвинителство, би требало да даде соодветен стимул на полицијата и на сопствените капацитети во истражниот центар во нивната откривачка функција и во однос на ефективното насочување на дејствијата и мерките во предистражна постапка.