„Се договоривме, зазедовме политички став и нема да честитаме затоа што мислиме дека нема смисла, а поради флагрантното кршење на уставот нема да се изложиме на апсурдна ситуација да слушаме како Милановиќ се заколнува во уставот, откако во безброј наврати го прекрши“, изјави хрватскиот премиер и претседател на владејачката ХДЗ по седницата на партиското раководство
Еден ден по катастрофалниот пораз на нивниот кандидат во вториот круг од претседателските избори во Хрватска, седница одржа претседателството и националниот комитет на ХДЗ, по која премиерот и лидер на партијата, Андреј Пленковиќ изјави дека одлучиле да не присуствуваат на инаугурацијата на ново-стариот претседател на државата, Зоран Милановиќ.

Милановиќ, кој доаѓа од редовите на Социјалдемократите, во вчерашниот втор круг од претседателските избори убедливо го победи својот противвкандидат од ХДЗ, Драган Приморац, освојувајќи повеќе од 74 отсто од гласовите.
Во изјава за медиумите по седницата на претседателството на владејачката партија, Пленковиќ рече дека политичкиот став кој го зазеле како партија е да не му честитаат на Милановиќ, поради неговото, како што кажа, флагратно крешење на уставот на земјата изминатите години.
„Се договоривме, зазедовме политички став и нема да честитаме затоа што мислиме дека нема смисла, а поради флагрантното кршење на уставот нема да се изложиме на апсурдна ситуација да слушаме како Милановиќ се заколнува во уставот, откако во безброј наврати го прекрши“,
рече премиерот и лидер на ХДЗ, пренесува хрватската национална телевизија ХРТ.
Пленковиќ рече дека ниту тој, ниту претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандроковиќ нема да присуствуваат на инаугурацијата на Зоран Милановиќ.
Прашан од новинарите што за него би било подавање рака на помирување со Милановиќ, хрватскиот премиер рече:
„Што се однесува до нас, ние бевме многу кооперативни, прашајте го него“
Во врска со одлуката да не му ја честитаат победата на Милановиќ, хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ рече дека тој лично му се јавил пред пет години и му честитал, а Милановиќ не му возвратил кога ХДЗ победила во 2016, 2020 и 2024 година. Рече дека Милановиќ, не присуствувал ниту на конститутивните седници на хрватскиот парламент во 2020 и 2024 година.
„Сиве овие години работевме со добра волја за доброто на граѓаните, нашите резултати се видливи, а тој нема резултати, само кршење на уставот“,
рече Пленковиќ.
На седницата на раководството на ХДЗ присуствувал и претседателскиот кандидат Драган Приморац, кому партијата му се заблагодарила за ангажманот и залагањето во кампањата која траеше повеќе од шест месеци.
„Мислам дека му дадовме силна поддршка на Драган Приморац, се потсетивме на убедливата победа на ХДЗ на парламентарните избори, каде што Милановиќ беше неуставниот кандидат за премиер, кого јас и сите негови поддржувачи тешко го поразивме… Ја формиравме нашата трета влада за прв пат во историјата на хрватскиот парламентаризам и победивме убедливо на изборите за ЕУ. Јас лично ја водев листата на ХДЗ. Нашиот тим доби голема доверба на внатрепартиските избори. После тоа почнавме консултации за избор на кандидати. Оценивме дека Драган Приморац како непартиски кандидат ги има сите потребни квалификации за ефикасно да ја извршува оваа работа“,
рече Пленковиќ.
Сепак, тој призна дека ХДЗ не е задоволна од постигнатите изборни резултати и нагласи дека партијата ја прифатила волјата на гласачите и сега се насочува кон интензивна работа на клучните теми кои се важни за граѓаните на Хрватска.
Меѓу приоритетите на владата, тој ги истакна зголемувањето на платите на работниците, зголемувањето на пензиите за пензионерите и обезбедувањето прифатливи станови за младите. Тој, исто така, ја истакна важноста од соочување со безбедносните предизвици и продолжување на економскиот и социјалниот развој на Хрватска.
Што се однесува до партијата, Пленковиќ рече дека, ХДЗ го насочува фокусот на подготовките за локалните избори, кои ќе се одржат во третата недела од мај.

Хрватскиот премиер, одговарајќи на новинарски прашња, додаде дека во медиумскиот и политичкиот простор во земјата преовладуваат двојни стандарди, споредувајќи го неговиот однос, со оној на Милановиќ, кој како што кажа, избегнува одговорност и јавни настапи
„Ова што вие сега ме прашавте мене, не сум видел некој од вашите колеги или вие да го прашате него (Милановиќ). Тоа е од неколку причини. Прво, нему не му се поставуваат исти прашања како на нас веќе со години. И второ, што е особено важно, тој исчезна. Него го немаше три месеци пред вашите микрофони“,
изјави Пленковиќ пред новинарите.