Без вашите гласови сигурно дека немаше да биде ваков резултатот, порача кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова која денеска беше во посета на Дебар и Ростуше.
Во овој крај таа имаше средби со граѓани на кои им се заблагодари за поддршката и им порача дека на 8 мај заедно ќе ја слават победата.

„Ние не агитираме, не ви велиме дека мора да гласате за нас, ама знаеме за кого ќе гласате. Ќе гласате за подобрите, ќе гласате за оние кои носат промени, а не оние кои велат дека грешеле ама сега ќе се обидат тоа што го згрешиле да го поправат, бидејќи тоа е невозможно“,
рече Силјановска-Давкова.
Таа рече дека во првиот круг очекувала политички земјотрес, но на 8 мај очекува политички вулкан.
„Неминовен е поразот на СДСМ, на ДУИ и коалицијата и неминовна е победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Неминовен е поразот на господинот Пендаровски и се насетува мојата победа. Тоа е јасно. Оваа власт мора да си оди“,
рече таа.
Силјановска-Давкова порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани.
„Ќе се однесувам натпартиски, ќе се однесувам со почит кон граѓаните без оглед на етничката, верска или било каква друга припадност, бидејќи претседателите, а особено претседателките, треба да обединуваат, а не да разединуваат. Ќе функционирам посветено, одговорно како дома, бидејќи Македонија е мојата многубројна фамилија. Само така ќе си ја вратиме гордоста, а Македонија ќе има на што да биде горда“,
порача таа.
Инаку, Силјановска-Давкова денеска беше и во Маврови Анови, како и во Вевчани каде порача дека нема човек во Македонија кој не е горд на вевчанци и на Вевчанскиот карневал.