По објавата дека во денешната сообраќајка кај Прилеп загинаа три медицински лица, сочувство до семејствата на починатите изрази министерот за здравство Арбен Таравари
Прилеп утре ќе прогласи Ден на жалост за смртта на трите медицински лица кои рано утринава, на пат кон работа загинаа во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп – Битола.
Одлуката беше донесена на денешната вонредна седница на Советот на Општина Прилеп на која единствена точка на дневниот ред беше предлог-одлука за прогласување на Ден на жалост во петок, 4 октомври.
По објавата дека во денешната сообраќајка кај Прилеп загинаа три медицински лица, сочувство до семејствата на починатите изрази министерот за здравство Арбен Таравари.
„Со тага ја примивме веста за загубата на тројца наши лекари, кои денеска ги загубија животите во сообраќајна несреќа во Прилеп. Прим. д-р радиолог Александар Ристески, спец. гинеколог д-р Никола Василевски и технологот за радиологија Фанче Јованоска ги загубија животите одејќи да ја извршуваат својата благородна мисија, како што е докторската работа. Најдлабоко сочувство до нивните семејства, пријателите и колегите“,
напиша министерот Арбен Таравари на Фејсбук.
Во сообраќајката што утринава се случи на патот Прилеп – Битола загинаа три медицински лица вработени во болницата „Плодност“ во Битола. Несреќата се случила при судир на автомобил „тојота“, во кој биле медицинските лица, и товарен камион. Поради силината на ударот, избил пожар, а тројцата загинале на самото место.