Во Прилеп, каде што се одржа заедничката литургија на трите цркви, првпат по 170 години доаѓа грчки владика, а бугарски по повеќе од 70 години
На покана на митрополитот Петар од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), денеска во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп првпат по 170 години дојде грчки, а по повеќе од 70 години бугарски владика. Во храмот се одржа заедничка литургија на трите сестрински православни цркви.

Литургијата ја служеа митрополитот Петар од МПЦ-ОА, митрополитот во мирување Игнатиос од Грчката православна црква (ГПЦ) и старозагорскиот митрополит Киприја од Бугарската православна црква (БПЦ).
„Во храмот ‘Свето Благовештение’ во Прилеп, митрополитите на трите сестрински православни цркви за првпат заеднички ја служеа литургијата, како потврда на признавањето и рамноправноста на сестринските цркви. Сите заедно од светата чаша се причестија: и Грк и Бугарин и Македонец. За Христос не е битна националноста, туку љубовта помеѓу луѓето“,
изјави за МИА прилепскиот архиерејски намесник, отец Влатко Ристески.

На литургијата присуствуваа голем број верници и посетители, а по неа владиците седнаа на заедничка маса.