Информацијата попладнево ја потврдија од Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што Пројковска била вонредна професорка
Сара Пројковска, придружниот вокал на музичката група ДНК, е една од загинатите во вчерашната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Информацијата попладнево ја потврдија од Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што Пројковска била вонредна професорка.

„Со длабока жалост и неверување ве известуваме дека нашата колешка, вонредна професорка м-р Сара Пројковска, го загуби животот во невидената трагедија во Кочани. Нашата Сара, полна со љубов, живот и музика, лавица и добрица…“,
стои во фејсбук-објавата на Факултетот за музичка уметност.
Од Факултетот за музичка уметност претходно денеска објавија дека се трага по нивната колешка Пројковска.
Во трагичната несреќа загина и пејачот Андреј Ѓоргиески од групата ДНК, која синоќа настапуваше во дискотеката во Кочани. Штипската телевизија ТВ Стар претходно објави дека загинал и Филип Стевановски од Куманово – придружен член на дуото ДНК, а една од жртвите е и тапанарот на ДНК, Горги Горгиевски, од Струмица.