Најголемиот број од заразените, односно 39 се во Скопје, два случаи имало во Тетово, а по еден е пријавен во Гостивар и во Битола. Заболените се на возраст од 0 до 40 години, а најголем број се деца на возраст од 10 до 14 години. Од новопријавените случаи, хоспитализирани се пет деца – четири на возраст под една година и едно кое е во групата од една до четири години

Во текот на изминатата недела во земјава се регистрирани 43 нови случаи на голема кашлица, што е 14 отсто помалку во однос на неделата пред неа, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во својот најнов извештај што го опфаќа периодот од 8 до 14 март.
Најголемиот број од заразените, односно 39 се во Скопје, два случаи имало во Тетово, а по еден е пријавен во Гостивар и во Битола. Заболените се на возраст од 0 до 40 години, а најголем број се деца на возраст од 10 до 14 години.
Од новите случаи, пет лица се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно дете кое е во возрасната група од една до четири години.
Од ИЈЗ наведуваат дека заклучно со 14 март во земјава се регистрирани вкупно 216 случаи на лица заболени со голема кашлица. Од нив, најголемиот број, односно 190 се во Скопје, осум лица се во Тетово, петмина се од Куманово, три заболени лица има во Гостивар, а во Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани има по еден заболен.
„Од сите 216 регистрирани случаи, 122 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,7 години. Од заболените, регистрирани се 36 лица со хоспитализација и тоа 31 од нив се на возраст до четири години“,
се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Во периодот од 18 јануари до 14 март, од податоците доставени од службите за вакцинација во Скопје, биле пронајдени 14 388 деца пропуштени за вакцинација.
Од нив, како што се наведува во извештајот, вакцинирани се 7 151 лице, а од вакцинираните, најголем број – 3 796 примиле прва ревакцина.
Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, во Извештајот на ИЈЗ се наведува дека вакцинирани се 9 084 деца на возраст до седум години, а најголем број – 5 390 од вакцинираните деца, примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација.
„Вкупниот број дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – прва, втора, трета доза или ревакцинација – прва, втора ревакцина, на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 14 март изнесува 16 235“,
пишува во извештајот.
Без Скопје, од 18 јануари до 14 март, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се 7 702 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3 328, а најголемиот број примиле прва ревакцина.
„Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9 451 дете на возраст до седум години, а најголем број – 4 905 од вакцинираните примиле прва или втора доза на ревакцина. Вкупниот број дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – прва, втора, трета доза или ревакцинација – прва, втора ревакцина, во периодот од 18 јануари до 14 март изнесува 12 779“,
се додава во Извештајот на Институтот за јавно здравје.