На синоќешната маратонска собраниска седница, пратениците со 75 гласа „за“ ги донесоа измените во Изборниот законик, предложени од координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.
Со нив се менуваат границите на изборните единици, односно општините Дебар и Маврово-Ростуше се селат од шестата во петтата изборна единица. За втората изборна единица, како и за „тројката“ и „четворката“ не се предвидени промени на границите.
На прекројување на границите на изборните региони инсистираше ДУИ, а вицепремиерот Бујар Османи неколку дена пред да влезе предлогот во Собрание, изјави дека неговата партија свесно го кочи Изборниот законик, поради нерамномерна распределба на гласачите.
Тој посочи дека во писмото на претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, што го испратил до Министерството за правда, било наведено дека првпат во четири изборни единици имало девијација од над 5 проценти од просекот, што е надвор од законските ограничувања.
Според ДУИ, тоа ги прави гласачите нерамноправни, па затоа предложиле преместувања на изборни места од една во друга изборна единица, со цел сите изборни региони да го исполнат законскиот лимит од плус или минус пет проценти отстапување.
Поврзани вести:
Дебар и Маврово-Ростуше се селат во петтата изборна единица
Османи признава дека ДУИ го кочи донесувањето на Изборниот законик