Невистинита е информацијата која кружи меѓу наставниците дека во школските клупи ќе се вратат основците од прво до четврто одделение, а учениците од петто до деветто наставата ќе ја следат онлајн, вели заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска.
„Сите детали ќе бидат дефинирани в петок на состанокот меѓу претставниците од нашето министерство со членовите на Комисијата за заразни болести. Сите одлуки ќе бидат донесени пред 15 август, пред наставниците да се вратат од годишен одмор“,
вели Наумовска за ТВ 21.
Таа посочува дека се разгледуваат неколку сценарија за начините на кои ќе се реализира учебната 2020-2021 година.
Едното од нив предвидува наставата да се одвива во училиштата, но со посебни протоколи, односно со заштитни маски и редовна дезинфекција, на часови кои ќе траат по 20 минути. Ако една паралелка има поголем број ученици, тогаш ќе биде поделена во две групи, а наставата ќе ја држи истата наставничка. Ако во некое одделение има деца со хронични болести, тие наставата ќе ја следат онлајн.
Другиот модел кој се разгледува, како што информира Наумовска е комбиниран. Според ова сценарио, во училиштата кои немаат доволно простор, одделенијата ќе се поделат во две групи. Во тој случај наставата ќе биде комбинирана.
„Моделите нема да важат за целата држава. Ќе се дефинираат според општини и според стапката на заразеност од Ковид-19. Ова значи дека ако во една општина има мал број позитивни случаи на коронавирус и училишта со мал број ученици, тогаш наставата ќе се одржува во училиштата“,
вели Наумовска.
Таа укажува дека паралелно се работи и на изготвување протоколи за средношколците, за патувања од еден во друг град и за сместување во интернати.