Ваквата одлука вчера ја соопшти градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој кажа дека со неа граѓаните ќе добијат можност да заштедат пари од семејниот буџет во време на економска и енергетска криза
Граѓаните на Куманово во првите шест месеци од следната година бесплатно ќе го користат јавниот превоз во градот. Ваквата одлука вчера ја соопшти градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој кажа дека со неа граѓаните ќе добијат можност да заштедат пари од семејниот буџет во време на економска и енергетска криза.
Ваквата одлука, додава тој, ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во центарот на градот и намалување на загадувањето.
„Советот на Општина Куманово го прифати мојот предлог и едногласно донесе одлука, за субвенционирање на јавен линиски превоз во наредните шест месеци со тенденција да продолжи и во иднина. Дополнително, ќе се стремиме да се унапреди нивото на услуга во јавниот линиски превоз во Куманово и да стимулираме што е можно повеќе граѓани да користат јавен превоз за сопствените потреби“,
пишува Димитриевски на Фејсбук.
За воведувањето бесплатен автобуски превоз во Куманово, претходно беше направена анкета на која 79 проценти од граѓаните се изјасниле дека сакаат бесплатен превоз, наспрема 13,9 проценти од нив кои кажале дека не сакаат.