Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на својот фејсбук-профил објави фотографија на која петнаесетина државни функционери од ДУИ, во објектот на Министерството за политички систем, го чествуваат 4 јануари, роденденот на партискиот лидер Али Ахмети.
Во просторијата за состаноци во „новиот дом“ на првиот вицепремиер Артан Груби, на главната маса, освен него, се и славеникот Ахмети и собранискиот спикер Талат Џафери.

На приватната партиска прослава во објект во сопственост на државата, во време на пандемија и строги протоколи, ниту славеникот ниту неговите гости, според фотографијата, не носат заштитни маски ниту, пак, се придржуваат до правилата за физичка дистанца.
Според здравствените протоколи што ги утврдува Владата, носењето маски е задолжително и на отворен простор.
Европската комисија и САД во своите извештаи редовно упатуваат критики за мешањето на државата и партиите. Во итните реформски приоритети на Прибе, една од точките се однесува токму на ова прашање.
Во неа, од државата децидно се бара „да спроведе механизми со кои во иднина ќе се спречи замаглувањето на линијата на разграничување меѓу државата и партијата, како и злоупотребата на јавната
администрација од страна на која било владејачка партија.