Очевидци изјавија дека нападот бил извршен сред ноќ, околу 03:00 часот по локално време. Израелската војска соопшти дека го проверува извештајот
Дваесет лица загинаа утрово во израелски воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Нусејрат, во централниот дел на Појасот Газа, уништена за време на повеќе од седум месеци војна, објави болницата „Ал Акса“.
„Примивме 20 убиени луѓе и неколку ранети откако израелски воздушен напад беше насочен кон куќа на семејството Хасан во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа“,
се вели во соопштението на болницата, пренесе Франс прес.
Очевидци изјавија дека нападот бил извршен сред ноќ, околу 03:00 часот по локално време. Израелската војска соопшти дека го проверува извештајот.
Официјалната палестинска новинска агенција „Вафа“ објави дека меѓу ранетите има неколку деца и дека спасувачките екипи трагаат по затрупаните луѓе во урнатините.
Од почетокот на копнената офанзива на градот Рафах на југот на Појасот Газа на 7 мај, се интензивираат судирите околу Нусејрат, кој се наоѓа посеверно, како и во градот Газа и Џабалија.
Израелската војска вели дека спроведува само целни операции.
Очевидци велат дека се слушнале експлозии и дека борбите во Џабалија траеле цела ноќ.
На северот на Појасот Газа, артилериски оган се слуша во областа Шеик Зајед, а на југ, на границата со Египет, очевидци изјавија дека израелски тенкови отвориле оган источно од градот Рафах.
Арапската болница „Ал Ахли“ соопшти дека три лица загинале, а неколку се ранети во израелски напад врз училиштето во кое се засолниле.