Постапувајќи по наредби од судија за претходна постапка, МВР денеска изврши претреси на вкупно 20 локации, а во врска со предмет за трговија со дрога и со оружје. Во акцијата, приведени се 12 лица, а по уште три други лица кои биле дел од групата се уште се трага.
Како што соопштуваат од МВР, во полициски станици се приведени лицата Б.А. (22), Б.А. (19), М.А. (47), Б.А. (23), С.Ј. (22), Е.Б. (27), З.М. (33), Љ.А. (30), Ш.А. (35), Р. А. (33) (полициски службеник), А.А. (26) и Е.С. (24), сите од Скопје. Лицата, со соодветна кривична пријава, ќе бидат предадени на надлежното јавно обвинителство.
Од МВР информират дека при лишувањето од слобода и при извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени наркотична дрога, муниција, два пиштоли, патнички моторни возила, од кои едно блиндирано, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони, компјутерска опрема.
Акцијата ја спровеле Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, а раководел надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Денешните претреси и апсење, велат надлежните, следат по повеќемесечно криминалистичко истражување на организираната криминална група составена од лица од Скопје.
Членовите на оваа организирана криминална група, појаснуваат од МВР, подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” предвидено и казниво по член 396 од Кривичен законик. Во текот на истрагата, се посочува, во неколку различни случаи документирани се продажби на наркотична дрога и оружје.