Во рамки на ацкијата се уапсени четири лица во Германија и осум во Црна Гора. Во врска со случајот, властите во Црна Гора покренаа обвинене против осомничените за вмешаност во трговија со 2,7 тони кокаин и 1,5 тони канабис
Во меѓународна полициска акција поддржана од Европол уапсени се 12 лица во Црна Гора и Германија, осомничени дека припаѓаат на таканаречениот Балкански картел вклучен во трговија со кокаин и канабис во големи размери. Во Германија се уапсени четири, а во Црна Гора осум лица.
Меѓу уапсените во Црна Гора е еден од водечките членови на криминалната група.

Истрагата, поддржана од властите во Австрија и Шпанија, била насочена кон криминална мрежа вклучена во трговија со кокаин и канабис во големи размери. Се верува дека осомничените имале различни улоги во рамки на криминалната организација – од финансиери до координатори и лица задолжени за логистика и транспорт.
Во врска со случајот, властите во Црна Гора покренаа обвинене против осомничените за вмешаност во трговија со 2,7 тони кокаин и 1,5 тони канабис во периодот од октомври 2024 година до април оваа година.
Инаку, дрогата претходно е запленета во 12 одделни операции низ неколку земји од Европската Унија и Јужна Америка. Се верува дека шверцерската мрежа користела поморски и воздушни патишта за транспорт на дрогата. Освен кокаин, тие се осомничени и за шверц на канабис во ЕУ од Албанија, Тајланд и САД.
Во рамки на акцијата во двете земји учествувале околу 100 полицајци.
„Европол обезбеди постојана координација, размена на информации и континуирана аналитичка поддршка во текот на целата истрага. Собраните разузнавачки информации открија добро скриена мрежа што дејствувала низ повеќе континенти и земји. Европол обезбеди и финансиска поддршка, која беше искористена за купување специјална опрема и други оперативни потреби“,
се наведува во соопштението на Европската полициска агенција.
