Грчката православна патријаршија во Ерусалим го осуди нападот и додаде дека „нема да се откаже од својата верска и хуманитарна должност“ да даде помош
Грчката православна црква „Свети Порфириј“, која засолнила стотици раселени Палестинци во Газа, била погодена во текот на ноќта од израелски воздушен напад, објавија Ерусалимската православна патријаршија и палестинските здравствени власти.
Во вестите објавени од палестинската новинска агенција ВАФА се наведува дека најмалку осум лица, меѓу кои деца и жени, се загинати, а десетици се повредени.
Наведено е дека загинатите и повредените сѐ уште се под урнатините, а спасувачките и екипите на итна помош се обидуваат да дојдат до нив.
Нападот предизвикал сериозна штета на историската црква, а уништена е и зградата во нејзина близина.
Грчката православна патријаршија во Ерусалим го осуди нападот и додаде дека „нема да се откаже од својата верска и хуманитарна должност“ да даде помош.
„Патријаршијата нагласува дека таргетирањето на црквите и нивните институции, заедно со засолништата што ги обезбедуваат за заштита на невини граѓани, особено децата и жените кои ги изгубиле своите домови поради израелските воздушни напади на станбени места во изминатите тринаесет дена, претставува воено злосторство кое не треба да се игнорира“,
пишува во соопштението од патријаршијата.
Свети Порфириј е третата најстара црква во светот која сè уште се користи во Газа и се наоѓа во историскиот кварт на градот. Ерусалимската православна патријаршија ја изрази својата „најостра осуда“ за нападот врз нејзиниот црковен комплекс.
Нејзината оригинална градба датира од 425 година.